Маврово — национален парк во западна Македонија кој зазема простор од 73.088 хектари и најголем е меѓу трите национални паркови во Македонија. Како национален парк е прогласен во 1949 година. Во границите на паркот се опфатени планините: Кораб, Дешат, југозападните ограноци на Шар Планина, поголем дел од Бистра и северните делови на Крчин. Средишниот дел на националниот парк го зафаќа долината и сливот на реката Радика. Во склопот на националниот парк е и Мавровското вештачко езеро.
Во границите на паркот се среќаваат голем број на интересни морфолошки форми: речни долини, клисури, водопади, карстни полиња, ували, вртачи, пештери, циркови, леднички езера, разни видови на денудациони облици и сл. Од растителноста на паркот најголема застапеност има заедницата од горска букова шума. Во границите на националниот парк Маврово се наоѓаат преку 52 планински врвови со надморска висина над 2000м од кои попознати се врвот Меденица на планината Бистра, Веливар, Сандакташ и др. Посебно значење за националниот парк Маврово има врвот Голем Кораб (2764 мнв.) кој е воедно и највисок врв во Р. Македонија а со тоа и највисока точка на паркот. Најниската точка на националниот парк Маврово е на 600 мнв. и се наоѓа на самото место каде што Мала Река се влева во реката Радика.